
Фудбалерите на Евертон го победија Брајтон со 2:0 во натпревар од второто коло на англиската Премиер лига, кој се одигра на новиот стадион „Хил Дикинсон“.
Ова беше дебито на Џек Грилиш пред домашните навивачи. Поранешната „десетка“ на Манчестер Сити покажа дека уште може да игра на високо ниво.
И токму Грилиш асистираше и за двата гола на „карамелите“. Најпрвин во 23. минута го најде сенегалскиот напаѓач Илиман Ндиаје, кој го постигна водечкиот гол за домаќините, а потоа во 52. минута му ја предаде топката на Џејмс Гарнер, кој постигна извонреден гол од далечина.
Брајтон имаше совршена шанса да се врати во игра 13 минути пред крајот на натпреварот, но Дени Велбек го промаши пеналот.